Салата „Палафлорио“ во Бари, попладнево (18 ч.) ќе биде местото на кое македонската одбојка ќе испише нова страница од настапите на континенталните натпреварувања. Во третото учество на европските првенства, нашите момци за првпат обезбедија пласман во осминафиналето, што ќе остане забележан како најголем успех на нашата репрезентативна одбојка.
Денешниот дуел против домаќинот Италија ќе биде исклучително тежок. Сигурно налик на оние со Полска, Холандија и Чешка во Скопје. Избраниците на Јошко Миленкоски против себе ќе имаат еден млад, полетен тим со сите врвни светски одбојкарски нишани, тим кој на себе го носи бремето на последните светски и европски титули. Италија е посебна инспирација и како таква треба да ја прифатиме. Нема потреба од страв и преранокревање „бело знаме“. Денеска е потребна опуштеност, адреналин и желба за себедокажување, за тоа што не се игра секој ден со Италија.
Македонија досега против „аѕурите“ има две искуства. И двете се крајно неповолни (резултатски) за нас. На Медитеранските Игри во Оран пред една година се сретнавме двапати во една недела и двапати бевме поразени со 3:0. Тој состав на Италија во добра мера наликува на овој кој ќе истрча денеска на теренот во Бари. Без разлика на се, денеска посебно е чувството да си меѓу најдобрите на Стариот континент, па макар и останале со само теоретски шанси за четвртфинале.
Момци, борете се! Играјте за Македонија и покажете дека не случајно сте меѓу 16-те најдобри на континентот!
ЕВРОВОЛЕЈ 2023
ОСМИНАФИНАЛЕ:
ДЕНЕСКА:
18.00 Македонија – Италија
17.30 Словенија – Турција
20.30 Португалија – Украина
21.00 Холандија – Германија
УТРЕ:
18.00 Србија – Чешка
21.00 Полска – Белгија
ВЧЕРА:
Романија – Хрватска 3:2 (25:17, 25:20, 17:25, 26:28, 15:12)
Франција – Бугарија 3:0 (25:21, 25:21, 25:15)