Фудбалската репрезентација на Германија, домаќинот на ЕП 2024, веќе пет натпревари не знае за победа. Синоќа доживеа нов срам и тоа со пораз од Јапонија од 1:4 во Волфзбург. Бледото издание на тимот беше преточен во четврти пораз на последните пет меча и најтежк после оној со 6:0 од Шпанија во ЛН во 2020 година.
Селекторот Ханси Флик има само 12 победи во 25 меча на чело на Германија. А тој е под сериозен притисок после овој дебакл од Јапонија. Да потсетиме дека Германија беше елиминирана од Јапонија со 1:2 на СП 2022.
„Многу сум разочаран, но мора да признаеме и дека Јапонија е добар тим. Во моментов немаме средства да се надигруваме со таква компактна одбрана. Имавме многу индивидуални грешки, противникот тоа вешто го користеше. Заслужено победија.
Треба да се разбудиме и да почнеме да работиме напорно да ги поправиме грешките. Мораме добро да се подготвиме за Франција. Разбирам дека разочарувањето е големо и ги разбирам критиките. Не можам да кажам ништо повеќе за тоа“, изјави Флик.
Запрашан за својата иднина на чело на германскиот тим, тој изјави.
„Мислам дека добро работиме и јас сум вистинскиот тренер за националниот тим. Знам дека има многу динамика во професионалниот фудбал. Не можам да предвидам што друго ќе дојде“, додаде Флик.
Следниот меч на Германија е против Франција на „Вестфален“ во Дортмунд во вторник.