МЗТ Скопје и во второто коло не го смени стилот на игра. Нешто слично како мечот во Гевгелија, сега на домашен терен против Гостивар со една добра четвртина дојде до нова победа. Овој пат од 85-59.
Бојан Крстевски со 17 поени и пет скока беше лидер кај победникот, зад него беше Танасковиќ со 15 поени, додека Војдан Стојановски имаше 11. Кај гостите, Вензант и Инграм имаа по 14 поени.
Избраниците на Васко Атанасов беа доминантни во третата четвртина, постигнаа 23 поени, а примија само девет и дојдоа до предност од 59-37 за мирен финиш и сигурно чекорење кон триумфот број два.
За Гостивар ова беше прв пораз по победата над Пелистер на домашен терен на стартот на сезоната. Гостите се надеваа дека ќе успеат да дојдат до целиот плен како минатата сезона, но овој пат беа немоќни пред бранителот на тронот.
Екипата на Еуро Никел со убедлива победа ја започна новата сезона во Првата лига, со која пред повеќе од месец дена се чинеше дека ќе мора да се збогува. Сепак кавадаречкиот состав успеа да остане на нозе и да „вози“ во прволигашкото друштво.
На првиот меч кавадарчани забележаа убедлива победа, на гостински терен славеа против Академија ФМП со 58-114. Ова беше последен натпревар од првото коло.
Името на победникот беше решен по едно полувреме, по кое гостите имаа позитива од 32-55. А потврдата дека само еден тим ќе доминира стигна во третата четвртина која кошаркарите на Еуро Никел ја добија со 13-30. На другата страна тимот од Кисела Вода беше немоќен во секој сегмент.
Златев постигна 20 поени и 9 скока, Бојчев имаше 17 поени. На другата страна Петровски со 22 поени и 6 скока беше најдобар поединец на мечот.