Со одигрувањето на комплетното прво коло и во двете конкуренции, денеска стартува новата одбојкарска сезона кај нас. Првата лига и во машка и во женска конкуренција сезонава најавува едно од најизрамнетите првенства, во кои очекуваме одлични дуели во секое коло.
Кај мажите дербито на стартот ќе се одигра во Тетово, каде годинешниот македонски претставник на Балканскиот Куп, екипата на Универзитет во Тетово ќе го пречека актуелниот бранител на двојната круна, екипата на Струмица. Интересно треба да биде и во Штип, каде во спортската сала „Јордан Мијалков“ денеска гостува велешки Борец, а амбициозниот Работнички 71&22 во Скопје вечерва ја пречекува Весна Пробиштип.
Кај дамите првото коло носи неколку на хартија израмнети дуели. Шампионот Работнички оди на „тест“ кај новајлијата во друштвото, Младост УДГ, додека Јанта Волеј ќе има можност да го провери потенцијалот на вториот новајлија во елитата, Вардар ЕМ.
Амбициозниот тим на Струмица е домаќин на Фит Фан Волеј, додека Наковски Волеј во Скопје гостува кај постариот „црвено-црн“ член на елитата, Вардар 2019.
ПРВА ЛИГА – МАЖИ
1 КОЛО (ДЕНЕСКА)
15:00 Штип УДГ – ГОК Борец (СС Јордан Мијалков)
15:00 Вардар – Јанта Волеј (о.у. Гоце Делчев – Петровец)
19:30 Универзитет во Тетово – Струмица (СС Млади УТ)
19:30 Лирија – Македонија Џио (о.у. Гоце Делчев – Тетово)
20:00 Работнички 71&22 – Веснa Пробиштип (о.у. Н. Георгиева – Дуња)
20:00 Сушево – Шкендија (о.у. Гоце Делчев – Василево)
ПРВА ЛИГА – ЖЕНИ
1 КОЛО (ДЕНЕСКА)
14:00 Вардар 2019 – Наковски Волеј (СЦ Форца)
17:00 Вардар ЕМ – Јанта Волеј (СС Македонски Херои ФФОСЗ)
18:00 Младост УДГ – Работнички (СС Јордан Мијалков)
19:30 Струмица – Фит Фан Волеј (о.о.у. Никола Вапцаров)