Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, изјави дека е добро тоа што остануваат само уште две сезонски трки. Хамилтон е среќен што наскоро ќе се раздели со болидот на Мерцедес со кој возеше оваа сезона, а за кого нема многу пофални зборови.
Откако го освои осмото место на трката за ГН на Бразил, Хамилтон изјави дека се чувствува полесно затоа што дојде финишот на сезоната.
„Мислам дека денеска имав подобра трка во однос на контролата на гумите, направив се што можев. Но, болидот – во некои моменти работи, во други не, се однесува многу нестабилно. Треба да сфатиме што се случува. Покрај тоа, бевме многу бавни на правците и се лизгавме по свиоците. Трка која сакате да ја заборавите, но се надеваме дека ќе има многу научени лекции од неа“, вели Британецот.
За болидот со кој вози оваа сезона вели дека едноставно е многу непредвидлив.