Алкалоид ги прави последните подготовки за вториот домашен меч од Европската лига, вкупно трет во дебитанската сезона во ова натпреварување. Утре (18:45 часот) во СЦ „Јане Сандански“ гостува дански Силкеборг, уште еден тим од списокот на поискусни противници, со светски ѕвезди во составот.
Данците се фаворити, но тренерот Патрик Вестерхолм е претпазлив, потенцира дека Алкалоид е добра екипа која игра многу брз и модерен ракомет.„Ја гледавме средбата на Алкалоид со Војводина, а се уште не сме ја гледале и анализирале таа што ја играа во Шпанија со Ла Риоха. Но, тоа ни е сега на дневен ред. Алкалоид е многу брз и има активна одбрана и ќе треба да смислиме како тоа да го затвориме. Искрено, малку ме загрижува нашата одбрана по мечот со Алборг. Но, ние мораме да ги победиме сите натпревари во групата во Европската лига и со такви мисли ќе патуваме во Македонија“, изјави Вестерхолм.
Билети за мечот се уште има во продажбa, истите може да се набават преку MkTickets.