Не, не е Ерлинг Халанд, туку е Ерик Гронер, иако и двајцата имаат по 23 години со тоа што првиот шпиц од Норвешка е најдобар во светот и игра за Манчестер Сити, а овој вториот од вчера е нов член на Шкупи од Македонија.
Чаирчани го засилуваат нападот. Норвешкиот голгетер со полно име и презиме Емануел Лонге Гронер веќе е во Анталија и тренира со екипата која зимава по секоја цена бара машина за голови како што тоа на времето беше Сандеј Адетунџи.
Гронер е фудбалер кој лани настапуваше за екипата од Сонгдал во Норвешка. Во втората по ранг лига на таа земја и за споменатиот тим настапи на 12 средби и постигна 2 гола.
Гронер во една недела е третиот напаѓач кој дојде во Шкупи по исто така младите Ибиши и Гуџуфи. Екипата зимава претрпе многу измени, а остана и без најдобриот играч на терениот, Бразилецот Куевен кому му истече договорот и кој не сакаше да остане на Чаир.
Гронер и останатите новајлии во Шкупи денеска посакуваат деби за новиот клуб затоа што Шкупи од 13 часот денеска игра тест дуел со унгарскиот Халадаш.