Еден од најплатените фудбалери во светот на крајот на првата и почетокот на втората деценија на 21 век, Езекиел Лавеци, е сместен на психијатриско лекување.
Поранешниот аргентински репрезентативец го поминува веројатно најтешкиот период во животот во последните 40 дена, откако се здоби со тешки повреди на забава (за јавноста останува непознато дали некој го избодел со остар предмет, или самиот, случајно, се здобил со повреди кои прво ги опишал како прободување), а на почетокот на јануари се предозирал.
Лавеци бил примен во болница во Буенос Аирес, сместен на интензивна нега, а денес, повеќе од три недели подоцна, е преместен во друга клиника.
Шпанска „Марка“ објави дека лекарите му дијагностицирале хипоманија, хронично нарушување на расположението.
„Не се лекува од злоупотреба на дрога или алкохол, туку од психијатриско пореметување поради кое некој може да се повреди и кое може да биде предизвикано од различни фактори“, објасни правниот застапник на Лавеци.
Адвокатот исто така објасни дека хипоманичната епизода може да трае од еден до четири дена, а се уште нема одреден датум кога Лавеци треба да ја напушти клиниката.










