Ѓоргиев: Добивме добра група, ќе се бориме за нов настап на Европско

2615

Ден по објавувањето на квалификациските групи за следното Европско првенство во 2026 година, капитенот на нашата репрезентација Никола Ѓоргиев ги изнесе своите размислувања за противниците. Грција и Грузија се селекциите преку кои ќе бараме продолжување на континуитетот на настапи на континенталните собири, што ќе биде примарна цел за нашиот национален тим и ова и следното лето.

„Гледајќи ги другите групи, можеби имавме малку среќа. Мислам дека селекцијата на Грузија не е од калибар на другите селекции од тој трет шешир, кои можеше да ги добиеме.  Таму беа Унгарија, Австрија, Израел, Косово, Норвешка… селекциии кои според мене се многу поквалитетни од Грузија. Ако ги погледнеме резултатите на Грузија од минатите квалификации ќе видиме дека тие не успеале да освојат ниту сет во минатите квалификации за ЕП во група со Шпанија, Словачка и Унгарија. Минатата Европска лига исто така немаат освоено сет. Успеав да разговарам со селекторот на Австрија, кој е мој тренер во АХЦ Волеј, и кој ми спомена дека тој трипати бил во Грузија каде има голема посетеност на нивните натпревари и атмосферата на теренот е доста жешка. Што се однесува до Грција, нив ги познаваме од минатата година, имавме еден меч со нив во Скопје на кој загубивме со 3:0, но мислам дека ние не бевме најдобро подготвени за тие пријателски средби пред Европското првенство. Како и да е, наша цел е да обезбедиме четврто учество на Евроволеј и ќе направиме за да ја оствариме целта“, вели капитенот на нашата репрезентација Никола Ѓоргиев.

Македонија во август ја очекуваат првите два меча од квалификациската група „Ф“. Најпрво гостуваме во Грузија (17/18 август), а потоа ќе ја пречекаме Грција (24/25 август).

ПретходноФранција со Мбапе, Жиру и Гризман ќе го нападне златото на ОИ во Париз?!
СледноПелистер рутински до победа над Вардар