МЗТ Скопје не ја искористи шансата по полесниот пат да се врати во елитното јадранско натпреварување. На последниот меч од регуларниот дел од сезоната беше поразен од Широки со 79-82, пресметка во која тргна лошо, а потоа се разбуди, но недоволно за победа.
Македонскиот првак токму против истиот противник ќе игра во четвртфиналето на плеј-офот во АБА2-лига. Ова ќе биде шанса за реванш. Се игра според принципот дома-гости, а веќе се познати и датумите на двата натпревари.
МЗТ Скопје е домаќин на првата средба, истата е закажана на 10-ти април, додека пак реваншот се игра на 17-ти истиот месец.
Навивачите на тимот од Аеродром за првпат оваа сезона ќе имаат шанса да ги бодрат своите миленици на меч од АБА2-лига, па очекувањата се дека во СЦ „Јане Сандански“ ќе има поголема бројка на трибините од вообичаено.