Новак Ѓоковиќ и Горан Иванишевиќ по повеќе од пет години ја прекинаа соработката. „Јас и Горан се договоривме да ја прекинеме соработката пред неколку дена. Хемијата на теренот имаше подеми и падови, но нашето пријателство отсекогаш било цврсто како камен“, напиша Ѓоковиќ на својот Инстаграм и со тоа ја потврди разделбата.
Првите разговори за можна пауза се случија по завршниот Мастерс во Торино минатата година. Размислувањата за прекин на соработката продолжија и за време на Австралија опен, каде Јаник Синер го исфрли Ѓоковиќ во полуфиналето и го освои Грен слем. После тоа, Ѓоковиќ беше елиминиран во третото коло на Индијан Велс.
Српски „Курир“ смета дека прекинот е поради насобраниот замор на Иванишевиќ од напорниот режим на Ѓоковиќ. Иванишевиќ често ја истакнуваше работната етика на Ѓоковиќ како исклучителна и рече дека посветеноста на постојан напредок во играта е постојан императив.
Ѓоковиќ се стреми кон својата 25. Грен слем титула и олимписко злато во Париз оваа година. Затоа, 2024 година ја смета за една од најважните во кариерата и сака се да му функционира беспрекорно. Поранешниот српски тенисер Ненад Зимоњиќ треба привремено да го замени Иванишевиќ, но не се знае кој трајно ќе го замени легендарниот хрватски тенисер.