Коментар на 26.коло: Брегалница не се предава, трите водечки екипи не победија…

844

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Викендов се одиграа натпреварите од 26.коло во ПМФЛ. Неколку изненадувања, но се чини најголемото се случи во Штип каде Брегалница под водство на новиот стратег Трајче Сенев успеа да го победи Шкупи со 1:0 и со тоа да фати приклучок во битката за опстанок. Ова значи дека “сините“ немаат намера така лесно да се предадат. Сеуште се последни, но сега со -3 бода од деветиот Работнички кој, исто така со нов тренер, освои бод кај Воска.

Од седмата Брера до последната Брегалница, разликата е само 5 бода, значи до крајот не чека пекол во битката за опстанок.

Да се потсетиме на табалата: седма е Брера со 30 бодови, осми Вардар со 29, деветти Работнички со 28, десетта Воска со 28, единаесетта Македонија ЃП со 25 и последна Брегалница со 25 бода.

Последните две директно испаѓаат а десеттиот игра бараж, најверојатно со Детонит од ВМФЛ, за опстанок во елитата.

Што се случува на врвот?

Се случуваат неверојатни работи. Трите водечки екипи, Струга ТЛ, Шкупи и Шкендија, не успеаја да победат. Лидерот и шампионот Струга ТЛ загуби од Вардар, Шкупи беше поразен од Брегалница а Шкендија извлече реми во Ѓорче. Значи од можни 9 бода освоен е само еден, навистина неверојатно.

Кога сме кај судењето. Вчера во Охрид имаше класичен кикс на помошниот судија на средбата Воска – Работнички. На гостите, по ударот на Мазари, не им беше признат чист гол, и така мечот заврши со резултат 1:1.

Само да помислиме што би било кога би било. Што ако овие два бода директно влијаат тимот од Градски парк да испадне? И после кој ќе биде виновен?

Не дека имаше некоја намера, исто така факт е дека ова е првиот голем судиски кикс оваа пролет, и треба да се внимава максимално. До крајот има да се играат уште седум кола, секој гол, секој бод е пресуден во битката за титулата ил битката за опстанок.

Едноставно не смее да има вакви грешки, не смее…

ПретходноЗошто Онана става вазелин на ракавиците? (ФОТО)
СледноКако Мамиќ уништи трансфер на играч во Турција: „Им го презентираше мојот задник“