Кристијано Роналдо отиде во Саудиска Арабија во декември 2022 година и започна фудбалска револуција во оваа земја, но веќе можe да ја промени средината ова лето. Според информациите од оваа земја, тој подготвува спектакуларно враќање во татковината Португалија каде сака да ја заврши својата богата фудбалска кариера.
Иако Роналдо е убедливо најплатен фудбалер во светот со годишна плата од 200 милиони евра, се чини дека не е задоволен од многу работи во Саудиска Арабија. Меѓу другото, Роналдо не може да освои трофеј со Ал Наср и засега доминира Ал Хилал.
Иако статистиката вели дека Роналдо е во врвна форма (36 гола и 12 асистенции на 37 натпревари за Ал Наср), сепак евидентно е дека тој не игра ни приближно на своето поранешно ниво. Тоа го поткрепуваат и зголемените изливи на гнев и исклучувања кои никогаш не го следеа додека играше во Европа, но ќе му биде многу комплицирано да го раскине договорот бидејќи покрај тоа што е „врзан“ до 2025 година со Ал Наср, има и обврски од комерцијален карактер кои се поврзани со промоција на локалниот фудбал и државата.
Засега нема информации каде ќе ја продолжи кариерата во Португалија, но се претпоставува дека тоа ќе биде Спортинг Лисабон, каде што израсна, а за кој настапуваше до 2003 година, кога беше купен од Манчестер Јунајтед.