Младинскиот шампион на Македонија во билијард, Андреј Ѓурчиновски, со шест победи во низа и без ниту еден пораз го освои првото место пред исто така нашиот репрезентативец Илија Димовски на турнирот во Софија до 17 години, кој се бодува за Балканско првенство 2024 (Balkan pool tour) за јуниори.
Ѓурчиновски двапати се сретна со минатогодишниот шампион Лука Бугарски (во второ коло и во четвртфинале), при што двапати го совлада. Доминацијата беше надополнета со петте победи на Илија Димовски, кој единствениот пораз го имаше во финалето со Ѓурчиновски.
Подеднакво блескав беше настапот и на Блендијан Ќазими во категоријата до 19 години, каде што без пораз стигна до првото место и во финалето со 7:3 го совлада Ермин Чурт од Босна и Херцеговина.
На турнирот беа пријавени 60 натпреварувачи од седум земји, кои беа поделени во три возрасни категории, и тоа: У13, У17 и У19, а се играше дисциплината „деветка“. Вториот турнир од предвидените четири во оваа конкуренција ќе се одржи на 6 и 7 јули во Загреб, Хрватска.