Влезот е слободен: МЗТ Скопје со повик до своите фанови да дојдат во што поголем број на дуелот со Спартак!

275

Шампионот на Македонија, тимот на МЗТ Скопје во сабота во Скопје ќе го одигра својот прв полуфинален меч од плеј-офот во АБА 2 и тоа против Спартак Суботица. Познато е дека “металците“ секогаш ја имаат поддршката од трибините, така ќе биде и сега, а дополнително, раководството на клубот јавно преку својата ФБ страна ги повика да дојдат фановите во што поголем број в сабота во “Јане Сандански“.

Соопштението во го пренесуваме во целост.

Пред нашите момци е најважниот период од годината во кој ќе се брка остварување на секогаш највисоките цели, а кој почнува на 27 април (сабота) со првиот полуфинален дуел од NLB ABA League 2 против Спартак Суботица (19 часот) и тоа на домашен терен.

Ова дефинитивно е една од најважните пресметки во досегашниот дел од сезоната. Тоа го знаат и избраниците на тренерот Васко Атанасов, кои изминатиов период напорно работеа на дополнително усовршување на сѐ што досега имаа работено. Предизвикот е голем, противникот е фаворизиран, но KK MZT Skopje Aerodrom секогаш бил најдобар и најборбен кога било напотребно.

Веруваме дека така се чувствуваат и сите наши навивачи и симпатизери, за кои сме сигурни дека ќе дојдат во голем број на задутрешната пресметка, со цел да им дадат поддршка на своите миленици. Само со заеднички сили би можеле да дојдеме до посакуваното финале, а за што ни треба уште една во низа МВП партија на нашиот „шести играч“, за која не се сомневаме дека ќе се случи. В сабота сите патишта нека водат во „Јане Сандански“, а трибините нека бидат претесни да ги примат сите што сакаат да ни помогнат. Ако се случи тоа, тогаш уверени сме дека на крајот сите заедно ќе се радуваме.

ВЛЕЗОТ Е БЕСПЛАТЕН!

ПретходноДали Перишиќ си оди од Хајдук?!
СледноСелекторот Јанев го објави поширокиот список за СП!