МЗТ Скопје пред тешка мисија, Атанасов категоричен: Нема предавање!

106

Македонскиот првак, МЗТ Скопје вечерва (19 часот) му гостува на тимот на Спартак Суботица во реванш мечот од полуфиналето на плеј-офот во АБА2-лига. Избраниците на Васко Атанасов, за жал, не успеаја да го искористат максимално домашниот терен, на првата средба беа совладани со 73-78.

Негативата од пет коша не е голема, но кога се има противник како што е Спартак, во тој случај мисијата за финале станува пеколна тешка. Кошаркарите на МЗТ Скопје мора да одиграат меч без грешки, одбраната треба да функционира беспрекорно, додека во нападот мора да го извадат најдоброто оваа сезона.

„Нема предавање, без разлика што натпреварот ќе го почнеме со негатива. Моментално работиме на корекција на покажаните слабости, како и на изнаоѓање нови начини за изненадување на моќниот противник. Нашата цел е да се бориме до последниот атом енергија, да дадеме од себе и да се обидеме да вратиме на идентичен начин. Нема да биде лесно, Спартак Суботица е квалитетна екипа со огромен буџет и огромни амбиции, но тоа не значи дека нема да мора сериозно да се потат ако сакаат да стигнат до финалето. Очекувам возбудлив и неизвесен натпревар до крајот, кој ќе го реши финесата“, изјави Атанасов. 

Покрај Војдан Стојановски, кој е вистински лидер и оваа сезона во сите натпреварувања, треба да се разбудат сите кошаркари, особено странците, да покажат зошто го носат „сино-белиот“ дрес.

Мечот ќе биде пренесуван на МТВ3 и Арена 3.

ПретходноЕкс тренерот на Лејкерс: Животот ми беше пекол во последните две години
СледноТомовски: Ќе биде пеколно тешко, но верувам дека ќе се пласираме на Светското првенство!