Македонската ракометна репрезентација со пораз се враќа од гостувањето кај Фарски Острови во рамките на првиот бараж натпревар за пласман на Светското првенство следната година. Кирил Лазаров и неговите момци беа поразени со 34-27, негатива која ќе треба да ја надокнадат во Скопје на 12. мај доколку сакаат да обезбедат место ан Мундијалот.
Во една реченица вечерашната средба изгледаше вака: лоша одбрана, индивидуалност и неорганизираност во нападот, голем број на технички грешки и никаква борбеност.
Кузмановски осум гола од 11 обиди, зад него беа Костески и Митев со по пет погодоци, Лазаревски имаше четири гола. Елијас Скипатогу запиша 10 гола.
Она што се очекуваше се случи. Фарски Остови на стартот на мечот покажа зошто не треба да се остави простор и да се прават технички грешки. Со серија од 5-0 дојде на плус пет (7-2) во осмата минута. Ова беше период во кој одбраната беше хаотична, а нападот не личеше на ништо. Лазаров мораше да промени да игра „седум на шест“. Краток блесок од три гола на Лазаревски, Кузмановски и Јагуриноски не донесоа на 7-5.
Нешто подоцна Кузмановски од седум метри можеше да намали на еден гол негатива, но не беше прецизен. Казната стигна, Македонија влезе во серија на грешки, а противникот поведе со 11-7. Ова водството, домаќинот го имаше во 23 минута кога по втор пат на овој натпревар поведе со плус пет (14-9). На голема среќа по 17-11, Лазаревски и Кузмановски намалија на 17-13, а со голот на Фитиљ со звукот на сирената Македонија на одморот замина со резултат 18-14.
Кобни четири минути за Македонија, најефикасниот Скипаготу зголеми на 22-16. Кузмановски и Јагурноски вратија набрзина за 22-18 во 38. минута, а Митревски во вистинско време ја запиша четвртата интервенција, која за жал не беше искористена. Фарски Острови одговри со четири гола за плус осум (26-18) во 46. минута.
Лазаров повика тајм-аут, но бадијала. После осум минути, Македонија успеа да ја погоди мрежата на противникот, Кузмановски беше творец на голот за 26-19. Костески за 27-20, но Скипаготу со седум метри зголеми на нови плус осум 28-20.
На цела мака, нашиот тим остана со двајца играчи помалку во на стартот на последните десет минути. Нашата репрезенација не успеа да најде начин како да ги сопре разиграните „Фарани“, во завршните пет минути Костески намали на 30-24, па на 33-27. Атанасијевиќ заработи црвен картон на 30 секунди до крајот, а противникот реализираше за 34-27.