Лазаров: Го даваме срцето и душата за Македонија, па барам само малку почит – кога ќе згрешиме

659

Кирил Лазаров овие денови беше на мета на јавноста. Но, во најдобриот македонски бомбардер, сегашен селектор на националниот тим има толку големо искуство, па таквите коментари не допираат толку лесно, како кај помладите играчи.

Кога одлучи да ја превземе селекторската „палка“ беше доволно свесен за предизвиците што го чекаат. Знаеше дека ќе дојде генерациската промена во репрезентацијата и дека ќе треба да гради нов тим кој ќе го продолжи трендот на редовни учества на големите натпреварувања од неговото време, а потоа на истите Македонија да игра според вкусот на најголемите ракометни гурмани.

Сепак нацијата на момент заборави на многу важни детали. Заборави дека овој составот на Македонија претежно игра во домашниот шампионат, само тројца ракометари се од надвор. Во едно друго време, работите стоеја поинаку. Нацијата заборави дека 80% од играчите немаат искуство на големата сцена, дека на овој план сме се уште куси.

Но, и покрај овие факти, Лазаров продолжи да го спроведува планот наречен – градење на нова генерација за која дефинитивно ќе треба трпение, за кое алармира по секој меч, и секако поддршка, и во добри и во тешки денови.

Сето ова уште еднаш го кажа по вчерашниот меч за историја против Фарски Острови и пласманот на Светското првенство.

„Ова е еден од моите најсреќни денови во животот кога станува збор за спортската кариера како играч или тренер. Сум бил во многу ситуации, не е лесно како селектор да ги мотивираш играчите. Се оптеретуваме многу со јавноста, со медиумите. Големите шампиони мора да знаат да се носат со притисокот. Ќе има многу победи и порази, но јас и моите играчи кога губиме или победуваме нема да бараме алиби. Го даваме срцето и душата за Македонија, па барам само малку почит – особено кога ќе згрешиме, бидејќи грешат и многу поголеми спортисти“, рече Лазаров.

Синоќа ракометарите самите се уверија дека можат да одиграат совршен меч. Она што го плаши е менталитетот.

„Момците направија, еве колку време сум тренер да одиграат тотално контролиран меч против една технички совршена репрезентација, која на ЕП направи проблеми на поквалитетни од нас. Не сум изненаден, овие момци покажаа дека можат да одиграат еден цел и перфектен натпревар во сите сегменти. Тие тоа го можат. Кај нас проблем е менталитетот од кој се плашам како тренер. Многу бргу знаеме да станеме еуфорични, но исто така брзо паѓаме и во депресија. Фараните работат и направија силен систем со кој се гордеат, но и ние направивме нешто за што треба да сме горди“.

ПретходноПрвични детали пред ждрепката: Македонија е во третиот шешир!
СледноМелоун: Денвер не е само Никола Јокиќ