Македонскиот мотоциклист, Синиша Кочоски, имаше нови забележителни настапи во БМУ Европскиот шампионат. Ланскиот шампион и во вториот викенд оваа сезона ја потврди одличната форма и големите амбиции и впиша многу важни бодови на своето конто.
Кочоски и покрај незгодниот пад во Гробник, во Алпе Адриа, за краток период успеа да ги среди проблемите со својот мотоцикл и на двете трки во Серес, Грција, обезбеди два подиуми. На првата трка го освои првото место, откако буквално во самата завршница успеа да претекне ривал и да се искачи на највисокото место на пиедесталот. Во вториот тркачки ден заврши на втората позиција. Членот на „Сајлент Хантерс“ имаше и одличен настап во квалификациите, кои од оваа сезона носат бодови.
„Поради незгодниот пад на трката во Гробник, шансите за настап на овој викенд во Серес ми беа сведени на минимум, бидејќи мотоциклот беше многу оштетен. Сепак, знаејќи се себеси како спортист кој никогаш не се откажува, заедно со мојот тим успеавме да ги надминеме сите проблеми, и во последен момент отпатувавме за Грција. Таму, уште на квалификациите забележав најдобро време и среќен сум што трките ги завршив со победа и второ место“, рече Кочоски.
Следен настап на Кочоски оваа сезона е викендот во Панониа Ринг во Унгарија, од 14 до 16 јуни, во рамки од Алпе Адриа и ФИМ Европскиот шампионат.