Фудбалерите на Германија ја совладаа репрезентацијата на Шкотска со 5:1 во првиот натпревар на Европското првенство.
Германија ги освои првите три бода и седна на чело на табелата во групата А. Вториот натпревар од 1.коло во оваа група се игра в сабота во Келн каде од 15 часот се среќаваат Унгарија и Швајцарија. Селекторот на Германија, Јулијан Нагелсман беше воодушевен од играта на својата репрезентација, особено во првото полувреме и призна дека не очекувал дека Шкотска ќе биде толку слаба.
„Среќен сум и задоволен. Не е лесно да се игра првиот меч на ЕУРО кога си домаќин. Во првите 20 минути блескавме. Примивме гол, но нема врска, бидејќи моите играчи беа бесни поради тоа, што пак е добар знак. Морам да признам дека малку сум изненаден од Шкотска. Очекував да бидат многу повеќе агресивни во првите 20 минути. Мислам дека беа изненадени од нашиот посед и концентрација. Не правеа притисок како во квалификациите.
Не сакам да бирам индивидуалци. Овие фудбалери заслужуваат да се репрезентативци, но нивните патишта се различни. Се работи за колективот. Фудбалерите направија се за да соиграчот до нив да изгледа добро. Веројатно фановите сега веруваат повеќе во нас отколку пред овој натпревар“, изјави предводникот на Германија.