Тенисерите загубија од Црна Гора во првото коло од Дејвис купот

88

Тениската репрезентација на Македонија доживеа пораз од 3-0 во мечот од првото коло од Дејвис купот од Третата Европска зона во Улцињ од домаќинот Црна Гора. Утре нашите тенисери ќе играат против фаворитот во групата А селекцијата на Словенија.

Во првиот сингл меч Берк Бугариќ загуби од Петар Јовановиќ со 2-0 во сетови (62 75). По загубениот прв сет, Бугариќ заигра подобро во вториот кога беше нерешено до 5:5, но последните два гема му припаднаа на домашниот тенисер, кој обезбеди водство од 1-0 во мечот. Во вториот меч за Македонија настапи Шендрит Деари, кој загуби од Резарт Чунгу со 2-0 во сетови (61 63). Во вториот сет Деари водеше со 3:2 во гемови, но противникот направи серија од четири гема за победа во мечот и водство на Црна Гора од 2-0, со што познат беше и победникот во мечот.

Во дуелот на двојки Димитар Грабул и Амар Хусеиновиќ поведоа со 1-0 во сетови откако првиот сет го добија со 6:2 во гемови, но брзо противниците изедначија на ист начин и го добија сетот со 6:1 во гемови за 1-1. Во решавачкиот сет македонскиот дубл имаше брејк предност и водство од 4:1, но противниците изедначија до 5:5, а потоа во 11-тиот гем направија брејк и сетот го завршија со 7:5 и победа од 2-1 во сетови.

На мечевите од Б групата: Кипар – Азербејџан 3:0 и Молдавија – Косово 3:0.

ПретходноГерманците ја победија Унгарија и се пласираа во осминафиналето
СледноЖивко Мукаетов им посака добредојде на земјите учеснички на Мундијалот