Србија е еден од фаворитите за медал на ЛОИ во Париз. Сепак оваа репрезентација не е на првото место бидејќи најмногу шанси им даваат на Американците кои ќе бидат предводени од НБА ѕвездите.
А токму „Дрим тимот“ е првиот противник на Србија на отварањето на турнирот, дуелот се игра денеска во 17:15 часот.
„Како да се спротиставиме на тим со такви квалитети? Не треба да влегуваш на терен ако не си подготвен за тимска игра, особено ако одбраната не го неутрализира нивниот индивидуален квалитет. Се подготвувавме за мечот на тој начин и ќе се обидеме да го спроведеме својот план.
Мораме да бидеме свесни дека кошарката не е хокеј на мраз, туку спорт каде промената на ритамот е најважен дел од играта. Така се подготвувавме“, изјави Пешиќ.
Србија ќе мора да ги намали бројот на технички грешки доколку сака да биде рамноправен противник на дуелот со Американците, нешто што Пешиќ бара од своите момци.
На прашањето дали навистина можат да го победат овој меч тој кажа:
„Знам дека навивачите ги интересира дали ќе ги добиеме Американците? Мене тоа не ме интересира токолку. Секако дека сакам да ги победиме, но има и други мечеви и ништо не може да го промени тоа без разлика како ќе биде конечниот исход. Мора да играме против Порторико и Јужен Судан за да ја исполниме првата цел. Мотивација има, но најважно е дека знаеме како да дојдеме до целта и како да го спроведеме планот, па потоа ќе можеме да сонуваме за медали и големи резултати“.