Светскиот првак, селекцијата на Германија, нема да го види финалето на кошаркарскиот турнир на ЛОИ во Париз. Иако Германците до вечерва беа перфектни, сепак во голема битка во полуфиналето беа поразени од Франција со73:69 и со тоа ќе мора да се задоволат само со битка за бронзата, а домашната селекција со пласманот во финалето обезбеди барем сребрен медал.
Германците подобро го отворија мечот, успеаја да го добијат првиот период со 25:18, но затоа Франција и тоа како врати во втората четвртина. И во третата домашните помомогнати од своите фанови доминираа и во последната четвртина влегоа со предност.
Но Германија не би била таа што е, па така на 38 секунди дојде на – 2 поени и следуваше вистинска драма. А во таа драма Франција подобро се снајде. На 10 секунди до крајот Вембањама погоди само едно слободно, па така резултатот беше во тој момент 71:68. Следуваа брзи фаули од двете страни. Кординие со две погодени го реши победникот за конечни 73:69.
Најефикасни беа Јабуселе со 17 поени кај Франција, додека кај Германците тоа беше Шрудер со 18 поени.










