Македонија утре во 20:45 часот на Арената “Тодор Проески“ во Скопје ќе ги одмери силите со Ерменија во меч од 2.коло во УЕФА Лигата на Нации во сегментот – Ц во групата 4. По она реми со Ф. Острови, се бара победа од нашите репрезентативци.
Во пресрет на утрешниот меч со Ерменците, денеска на прес – конференција имаше свој коментар селекторот Благоја Милевски:
“Разочарани сме од ремито на првиот меч со Ф. Острови, ментално ништо не е сменето, сега играчите се подготвени за следниот предизвик. И натаму мислам дека Македонија и Ерменија во меѓусебните дуели ќе одлучат за победникот во групата. Сега сите мисли се кон утрешниот меч. Овие фудбалери што се тука според мене се најдобрите во моментов. И ако барам од сите натпреварувачка форма тогаш 70% ќе останам без тимот. Секогаш го гледам потенцијалот на секој играч и тоа и по тоа го повикувам. Никогаш не било пресудно клупската форма ако тој го дава максимумот во репрезентацијата“ вели Милевски.
Јасно е дека пред утрешниот меч со Ерменија сите се под притисок, едноставно мора да се победи:
“Македонија секогаш кога била под притисок била на своето ниво, барем јас додека сум бил селектор. Овие момци знаеле да се носат со тој притисок. Секако дека ќе има промени во стартниот состав за утрешниот меч, но за тоа ќе видиме утре. Моите фудбалери се способни утре да дојдат до добар резултат“ рече Милевски.










