Одбојкарките на Работнички влегуваат во финалната фаза од подготовките за дебитантскиот настап во ЦЕВ Лигата на шампионите. Во среда на 2 октомври во салата „Парк“ во Струмица, Работнички ќе го пречека романски Волунтари во првиот меч од 1. квалификациско коло. Тимот под водство на тренерот Душко Деспотовски ги минува последните проверки на силите низ контролни средби. Досега шампионите одиграа вкупно шест контроли, најчесто со екипи од соседството, за полека да ја темпираат формата за дуелите со силниот романски ривал.
„Активно се подготвуваме за историскиот настап во Лигата на Шампиони. Подготовките ги започнавме на 10 август во Скопје, по што по комплетирањето на екипата по репрезентативните обврски заминавме за Крушево, каде одработивме одлични 10 дена, тренинзи и пријателски натпревари. Сега сме во Скопје каде низ дополнителни пријателски натпревари, анализи на противникот и тактичка подготовка за истиот, ќе се обидеме максимално подготвени да влеземе во двомечот со Волунтари. Се работи за одлична екипа за која ги имаме сите неопходни информации, составена пред се од искусни странски играчи надополнети со квалитетни домашни играчи, фаворити во овој дуел, но како што кажав и претходно ние како млада екипа без поголеми искуства во меѓународни натпреварувања, без странски засилувања и значително ослабени на примачката позиција со заминувањето на Тамара Стојанова во Дубаи, но со нова позитивна енергија на чело со новиот капитен на тимот Ерјона Јонузи, засилувањето со репрезентативката Марија Василевска, надополнети со уште неколку играчи од младинскиот погон, ќе се обидеме да се претставиме во најдобро светло, да одиграме на потребното ниво и да го дадеме својот максимум“, вели Деспотовски.
Дуелот ќе се одигра во Струмица поради презафатеност на салите во нашиот главен град, но одбојкарките се надеваат дека и струмичката публика ќе биде присутна во голем број за да гледа одлична европска одбојка.