21-годишниот централен бек на словачка Жилина, Андреј Стојчевски и 22-годишниот напаѓач на бугарска ЦСКА 1948, Марио Илиевски ќе се најдат на списокот на селекторот на нашата А-фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, за претстојните два меча со Летонија и Ерменија во продолжението на Лигата на нации.
Милевски за утре најави објавување на списокот и средба со новинарите, но Стојчевски и Илиевски ќе бидат меѓу новитетите во составот на нашата сениорска селекција. Илиевски првично не беше повикан за септемвриските дуели, но по повредата на Милан Ристовски беше прекомандуван од младата репрезентација и ги мина двете пресметки со Фарските Острови и Ерменија со најсилната национална селекција.
Стојчевски, пак, досега нема сениорски повик, затоа што беше дел од младата селекција за која дебитираше во 2022 година и досега има 8 настапи.