Огнен Чак Дојчиновски
Спортспорт како медиум секогаш се стремел да биде на линија на националните интереси на Македонија, и како таков со големо задоволство промовира наши млади спортисти кои ширум светот настапуваат во најразлични категории и дисциплини.
Наша задача е да бидеме секогаш ексклузивни, тоа во голема мера и ни успева, како во случајот со промоцијата на уште еден млад фудбалер од Австралија за кој Македонија допрва ќе слуша.
Се работи за Џошуа Дамевски, 19. годишниот фудбалер на тамошниот прволигаш Макатур кој сезонава дебитираше за сениорскиот тим. Се работи за стопер, кој во првите три кола од овогодинешниот шампионат на Австралија веќе забележа два настапи, што ќе рече дека тој ја ужива довербата на тренерот.
„Благодарам на Спортспорт што се сети на мене и што ете ми даде шанса да и се претставам на Македонија. Ја сум роден тука во Австралија но моето семејство секако дека има потекло од Македонија. Поточно од Струга. Моите родители се тука дојдени одамна, но јас неколкупати сум бил во Македонија. Секогаш со радост се враќам во родниот крај“ – ја започнува Џошуа Дамевски својата приказна па веднаш продолжува.
Дете на Мелбурн сити
„Мојата фудбалска кариера трае што се вели целиот мој живот, хаха. Бев дел од академијата на Мелбурн Сити, најдобриот клуб за младински категории во Австралија, и стартував од У12 тимот. Цели шест години бев дел од таа академија. Кога дојде времето за потпишување на професионалниот договор, имав опција да заминам во неколку клубови но го одбрав Макатур. Се одлучив за последната опција затоа што тука ќе имам шанса за најголема минутажа, и секако да напредувам. Во оваа фаза од мојата кариера многу е важно да имам сениорска минутажа. Што се однесува до позицијата на теренот, можам за себе да кажам дека сум сестран играч. Стоперската позиција, десната бековска но и последен играч за врска позицијата се мој домен.“ – вели Дамевски.
Дресот на Македонија ќе биде за мене голема чест
Дамевски нема настап за младинските селекции на Австралија.
„Не дебитирав досега за Австралија. Што се однесува до евентуалниот повик од Македонија, и дебитирање во националниот дрес на земјата од каде што потекнувам. За мене ќе нема подобро чувство. Се надевам дека со моите игра и настапи за клубот и ќе заслужам повик. Секогаш ќе бидам достапен за Македонија“ – искрено и од срце вели Дамевски.