Македонската женска ракометна репрезентација е пред нов предизвик – настап на Европското првенство кое денеска стартува, а ќе се одржи во Австрија, Унгарија и Швајцарија. Прв предизвик за избраничките на Кристијан Грчевски е селекцијата на Шведска, дуелот стартува во 20:30 часот. Предводникот на нашиот најдобар национален тим истакна дека се чувствува тремата, но на позитивен начин.
„Нашата цел е остварена со самиот пласман на Европското првенство како една од најмладите репрезентации. Играме против Шведска која ќе се бори за медал на првенството, но ние ќе се обидеме да се претставиме во најдобро можно светло. Морам да кажам дека малку ќе калкулираме бидејќи нашата главна цел е мечот против Турција, шанса да дојдеме до победа“, вели селекторот.
Ростерот на Македонија е составен од младост и искуство, па според Грчевски потребно е учество на големи натпреварувања за да се дојде до потребното играчко ниво.
„Имаме спој од искусни и млади играчи. За младите ова првенство ќе биде големо искуство. Впрочем ни требаат вакви големи турнири за да стекнување на искуство кое во иднина ќе биде корисно“.
Тој и сите во тимот се надеваат дека на трибините ќе имаат поддршка од македонски фанови.
„Се надевам дека Арената ќе биде полна и дека на трибините ќе ги имаме страсните македонски фанови, нивната поддршка ќе ни биде од големо значање“.