– За мене ова е голем резултат, планина! За споредба, кога би бил овој резултат одигран на стандардно темпо на игра, би значел велемајсторска норма. Осумте бода од можни 11, без пораз, и пласманот во топ 20 на европско ниво доволно кажуваат, но за да го остварам тоа, навистина се внесов. Во овие два дена загубив три килограми од телесната тежина! Беше борбено, имаше неколку инфаркт-партии, а особено би ја издвоил онаа од 9. коло против романскиот шахист Филип Маголд, кога сѐ висеше, но се снајдов феноменално и победив. Ремизирав со играчот кој стана европски првак, Владимир Федосеев, како и со Јорден ван Форест, кој следниот ден стана шампион во блиц. Горд сум што рамноправно се носев во дуелите во кои квалитетот на партиите беше на екстремно високо ниво. Сето ова не би било можно без поддршката на мојот клуб Алкалоид, како и на компанијата што стои зад нас, вели ИМ Дејан Стојановски.
На Рапид-турнирот имаше околу 80 учесници од Македонија, при што втор најуспешен македонски играч беше ИМ Филип Панчевски на 57. Место, освојувајќи 7 поени во 11 партии. Со идентичен скор беше и ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, кој со постигнатиот резултат беше трет најуспешен меѓу играчите во категоријата играчи на возраст над 60 години, а воедно беше и најуспешен македонски шахист во оваа категорија. Исто така, Никола Радоњанин, кој е дел од младинската школа на ШК Алкалоид, со 5,5 бода беше најуспешен меѓу македонските претставници до 14 години.
На Европскиот шампионат во брзопотезен (блиц) шах играчите имаа по 3 минути време за игра и дополнителни две секунди бонификација за одигран потег. Овој турнир се одигра на 9 декември, а настапија околу 360 играчи.
Интернационалниот мајстор Филип Панчевски имаше уште едно одлично издание и беше најдобар играч меѓу македонските претставници освојувајќи 9 бода од можни 13, при што се најде во групата играчи од 20. до 32. место, а според тајм-брејк параметрите го освои 26. место, односно дваесет позиции повисоко од листата според стартниот рејтинг.
– По долго време повторно играв на Европското првенство во рапид и во блиц шах, што, секако, беше големо искуство да се одмерат силите со најсилните европски шахисти. Турнирот во забрзан шах беше прв и таму играв тешко, но како поминуваа партиите влегов во игра и играв сѐ подобро и подобро. Европското првенство е силен турнир, за кој треба многу енергија. Блиц-турнирот го завршив со победа во последното коло, што секогаш ми носи големо задоволство. Иако посакував уште половина поен повеќе, задоволен сум од постигнатиот резултат, констатираше ИМ Филип Панчевски.
За одбележување е и тоа дека и на овој турнир повторно најдобар македонски играч до 14 години беше Никола Радоњанин.