Последното Европско првенство за жени беше уште едно во низата што женската репрезентација на Србија нема да го памети по добро. Учеството на овој континентален шампионат веќе беше комплетирано во групната фаза, откако избраниците на Урош Брегар ги забележаа сите три порази, што резултираше со скромното 21. место во конечниот поредок, зад Македонија која заврши на 18-то место.
Ова беше доволно за да во тимот се вратат двете ракометарки кои ги одбележаа претходните години на српскиот ракомет, Драгана Цвијиќ и Андреа Лекиќ. Овие две искусни ракометарки ќе бидат на располагање на репрезентацијата за претстојните натпревари од плеј-офот за Светското првенство против Словенија, кои се закажани за 9 и 12 април.
Инаку, Андреа и Драгана го сочинуваат столбот на унгарскиот Ференцварош, кој е еден од конкурентите за пласман на Фајнл 4 во женската Лига на шампиони.