Хрватската ракометна репрезентација на пријателскиот дуел со Македонија беше ослабена без тројца ракометари, а меѓу нив беше и поранешниот вардарец, Лука Циндриќ. Според информациите на селекторот Сигурдсон тој би можел и целосно да го пропушти претстојниот мундијал.„Точно е дека победивме против Македонија, но има многу работи од кои не сум задоволен, некои делови од нашата игра беа катастрофални и ќе мораме да ги отстраниме тие грешки. Што се однесува до играчите кои не настапија, Кларица и Граховац ќе играат на следната контрола со Словенија, а Лука Циндриќ сигурно ќе го пропушти и овој натпревар. Таква е ситуацијата, Циндриќ цел месец декември нема тренирано, уште не е во ритам, прашање е дали ќе биде подготвен и воопшто да настапи на овој светски шампионат“, изјави селекторот Сигурдсон.
Хрватска ќе игра во Загреб како дел од групата Х каде се наоѓаат селекциите на Египет, Аргентина и Бахреин.