Марко Митев е вториот македонски репрезентативец кој го понел признанието за најкорисен играч на Светското првенство после Филип Кузмановски. Ракометарот на Алкалоид против Катар постигна пет гола, одигра фантастично и со право се закити со едно вакво признание, прво во неговата кариера.
Митев го потврди она што сите можевме да го видиме на теренот сиве овие денови во Вараждин Арена, а тоа победничкиот менталитет кој веќе е „всаден“ во новата генерација.
„Сакам да се заблагодарам за целата поддршка и за навивачите кои не бодреа, како и оние пред малите екрани. Сите навивачи се наша поддршка и ветер во грбот. Со Катар отидовме на се или ништо, знаевме дека мора да победиме. Ова многу значи за Македонија. Сега ни следи Франција, тоа е фаворит селекција, но ние ќе се обидеме да го изненадиме ривалот.
Имаме два дена да се спремиме и да се покажеме во добро издание. На Светското првенство сме дојдени да победуваме, не да губиме. Од сите очекувам да бидат фокусирани од почетокот до крајот, па ние ќе одиме да изненадиме, зошто да не го направиме тоа?“, изјави Марко Митев.
Македонија и Франција силите ќе ги одмерат утре со почеток во 20:30 часот.