Јаник Синер едноставно е непобедлив. Италијанецот во финалето на АО во Мелбурн успеа да го победи Александер Зверев и со тоа да освои нова гренслем титула. Германецот и покрај големата желба и борба, сепак беше немоќен и не успеа да дојде до својот прв гренслем во кариерата.
Ова значи дека Синер ја одбрани титулата во Мелбурн и тоа го направи со стил. Успеа да го скрши Зверев со 3:0 во сетови, во меч кој траеше помалку од три часа.
Јаник првиот сет го доби релативно лесно и тоа со 6:3 во гемови, но затоа во вториот сет се водеше голема борба. Откако беше израмнето во гемови 6:6, мораше да се добие победникот во овој сет преку тај-брејк, а тука Синер беше подобар со 7:4 во поени.
Ова како уште повеќе да го депримира Германецот кој во третиот сет едноставно немаше сила за нешто повеќе, па Синер дојде до конечна победа од 3:0 во сетови и нова радост на АО во Мелбурн.