Бојан Солев е еден од четворицата нови ракометари кои летово пристигнаа во Пролет, а овој голман експресно се наметна кај стручниот штаб, со максимално залагање како на пријателските натпревари, така и на тренинзите.
Солев дојде од редовите на Борец Велес, но овој 25-годишен чувар на мрежата претходно има настапувано и во пониските германски лиги.
„Среќен сум што сум дел од овој клуб. Од првиот ден бев пречекан на најдобар можен начин од соиграчите и од стручниот штаб, што ми помогна да се вклопам побрзо во новата средина. Начинот на кој функционираме и тимската хемија се предуслов за уште подобри резултати во иднина“, вели Солев.
Тој имаше извонредно деби на голот на Пролет и со 13 успешни интервенции беше меѓу најзаслужните за важниот триумф на дуелот со Тиквеш.
„Задоволен сум од моето деби, но уште повеќе од начинот на кој одигравме како екипа. Секој играч го даде максимумот, како во нападот, така и во одбраната и успеавме да стигнеме до резултатот што сите го посакувавме. Ако продолжиме со ваков пристап и залагање, сигурен сум дека ќе оствариме уште многу важни победи во текот на сезоната“, вели новиот голман на Тинекс Пролет.
Целта на Пролет и оваа година е влез во Топ 6 и учество во плеј-офот, a Солев е оптимист дека таа желба на сите во клубот може да биде остварена.
„Победата против Тиквеш е од големо значење бидејќи тоа е тим што важи за еден од нашите главни ривали за Топ 6. Атмосферата во тимот е одлична, уште повеќе се крена по таа прва победа…. искрено верувам дека можеме до пласман во плејофот, но ова сепак е само старт на сезоната и мораме да останеме фокусирани и да играме на највисоко ниво и во периодот што следи. Дефинитивно имаме квалитет за такво нешто“, оптимист е Солев.
Следниот предизвик за Тинекс Пролет е оној најголемиот, утре нашиот тим му гостува во Битола на шампионот Еурофарм Пелистер.