Легендарниот ерменски фудбалер Хенрих Мхитарјан вели дека размислува да ја заврши кариерата по завршувањето на оваа сезона. Кариерата на Мхитарјан доживеа процут кога замина во Серија А во 2019 година, каде најпрво беше три сезони во Рома, а потоа се пресели во Интер во 2022 година.
Договорот на 36-годишниот играч со клубот од Милано истекува по оваа сезона, а во интервју за „Скај Спорт Италија“ тој вели дека сè уште не одлучил дали ќе ја продолжи кариерата.
„Вложувам страст, живот, срце и гордост во мојата работа. Горд сум на мојата кариера и дури сега разбирам што сум постигнал“, рече Мхитарјан.
„Беше тежок период и правам сè што можам за да останам во добра физичка форма. На крајот од сезоната ќе одлучам дали ќе продолжам или е време да ги закачам копачките“, дополни Ерменецот.
Мхитарјан одигра вкупно 154 натпревари за Интер. Пред престојот во Италија, тој го носеше и дресот на Арсенал, како и на Манчестер Јунајтед и на Борусија Дортмунд.