Македонската ракометна репрезентација во комплетен состав ги одработува подготовките за настап на престојното Европско првенство. Последен во стројот се приклучи Мартин Томовски. Репрезентативниот голман имаше обврски со својот клуб Битигхајм, каде блеска цела сезона. Посакува истата форма да ја пренесе и во националниот дрес.
„Се чувствувам одлично, бранев во добра форма на клупски план. Искрено се надевам дека таа форма ќе ја пренесам и во репрезентативниот дрес“, вели Томовски, кој од денеска се приклучи на подготовките на националниот тим.
Македонија на Европското првенство ќе игра против Данска на 16 јануари, два дена подоцна е дуелот со Португалија, додека групната фаза која се игра во Хернинг ја затвара против Романија.
„Пред нас е период на тренинзи и на подготвителни натпревари во кои ќе ја темпираме формата и ќе работиме на што подобра подготовка за она што ќе не очекува во Данска. Сите сме свесни дека групата е силна, затоа мораме што подобро да се подготвиме… желба нема да изостане, ќе оставиме срце на терен, тоа е сигурно. Верувам дека добро ќе се претставиме на ова големо натпреварување“, истакнува Мартин Томовски.










