Квалитетот на фудбалските терени е една од главните теми во ова време од годината, особено во земји како Македонија, но не сме навикнати тој да биде на дневен ред на натпревари во Англија и тоа во ФА Купот. Сепак, навивачите беа запрепастени од состојбата на тревната површина на вчерашниот натпревар од ФА Купот помеѓу Гримсби и Вулверхемптон. „Волците“ ја остварија својата прва победа на гостински терен оваа сезона по голот на Сантијаго Буено по еден час игра, но дури и таа вест беше засенета од состојбата на “Бландел Парк“. Персоналот на стадионот вложи максимални напори да го доведе објектот во потребната состојба, но и покрај ова, теренот беше во очајна состојба за време на натпреварот, со кал што леташе во воздух со речиси секој удар на топката или старт. На ова му помогна и силниот дожд.











