На денешната редовна седница на управниот одбор на Фудбалската Федерација на Македонија донесени се неколку важни одлуки кои одат во насока на подобрување на условите за функционирање во мак фудбалот.
Како една од најважните одлуки донесени на денешната седница е онаа која што ни носи промена на чело на комисијата за натпреварување.
Од денеска нејзин прв човек е Светозар Станковски, кој што доаѓа на местото на досегашниот претседател Васко Дојчиновски.
„Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за именување на Светозар Станковски, член на У.О. на ФФМ и поранешен репрезентативец, за нов претседател на Комисијата за натпреварување, на местото на Васко Дојчиновски. Управниот одбор изразува благодарност кон Васко Дојчиновски за досегашната работа и посветеност“ – стои во објавата на ФФМ.
Освен ова, да речеме дека новитет кој што е исклучително важен е оној кој што се однесува на таканаречените „двојни договори“ кој што беа пракса досега, а на кој што ФФМ очигледно со оваа одлука им става крај.
„Согласно актите на ФИФА и ФФМ , фудбалските клубови и фудбалери се должни да ги доставуваат договорите за пoпрофесионално занимавање со фудбал на верификација во ФФМ, пред комисијата за верификација на договори. Тоа се правни дела кои мора да бидат склучени исклучиво врз основа на Стандардниот договор, усвоен од Управниот одбор на ФФМ. Само договори склучени на тој образец и верификувани од Комисијата имаат фудбалско значење во рамки на нашата организација.
Во пракса, добиваме индиции дека дел од клубовите и фудбалерите склучуваат договори надвор од оваа постапка. Согласно правилата и актите на ФИФА и ФФМ, тие договори не произведуваат фудбалско-правно дејство. Имено, договорите кои не се доставуваат во ФФМ, т.н. „двојни договори“, нема да се толерираат, односно нема да се признаваат. Упатуваме јасна и недвосмислена порака кон клубовите и фудбалерите: Правилата за регистрација, трансфер и статус мора да се применуваат доследно, како и прописите на ФИФА, така и Правилникот на ФФМ. Верификацијата не е формалност, туку механизам за заштита на сите страни, но и на интегритетот на системот. ФФМ ќе ја извести ФИФА за ситуацијата, со цел да бидат запознаени дека одредени договори се склучуваат со цел да се избегне домашната регулатива“ – велат од ФФМ.
Останатите одлуки на Управниот одбор на Федерацијата се следите:
– Поради грубо кршење на одредбите од Статутот на ФФМ, Управниот одбор на ФФМ донесе одлука на ОФС Кичево да му се изрече суспензија во траење од две години. За време на суспензијата, на ОФС Кичево му мируваат правата од членство, вклучително и учеството на делегатите од ОФС Кичево на Собранието на ФФМ.
Членовите на суспендираната членка нема да трпат спортски последици. Фудбалските клубови, членки на ОФС Кичево, продолжуваат со натпреварување во истиот ранг на тековното првенство, а во сезоната 2026/27 во рангот каде оствариле пласман.
Фудбалските судии и контролори, членови на ОФС Кичево продолжуваат со активно вршење на функцијата на листите каде се наоѓаат согласно правилата за судии и судење. Комисијата за регистрација на ОФС Гостивар е задолжена до носење на наредна одлука да ги извршува сите активности за клубовите и фудбалерите членови на ОФС Кичево;
– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука редовното Генерално Собрание да се одржи на 21 март 2026 година, во хотел „Хилтон“, со почеток во 11:00 часот;
– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за бесплатен влез за сите шест натпревари од УЕФА квалификацискиот турнир за жени до 17 години, кој ќе се одржи во Струмица и Турново во периодот од 28. февруари до 6. март 2026 година;
– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за бесплатен влез за квалификацискиот натпревар на А репрезентацијата жени, Македонија против Андора, кој ќе се одигра на 07. март 2026 година на стадион „Петар Милoшевски“ во Битола.
– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за набавка на 15.000 до 20.000 нови столчиња за стадионите низ државата. Распределбата на столчињата ќе се врши согласно препораките на Општинските фудбалски сојузи и Управниот одбор на ФФМ, а ќе ги опфати клубовите од Првата, Втората и Третата Македонска фудбалска лига каде што се исполнети условите за нивна монтажа.
Клубовите, во соработка со локалната самоуправа, ќе бидат одговорни за обезбедување на монтажа на столчињата, со цел стадионите да бидат поудобни и подобро опремени за навивачите. ФФМ со оваа иницијатива продолжува да вложува во инфраструктурата и подобрување на условите за развој на фудбалот во Македонија.










