Тимот на Силекс во првите две кола од пролетниот дел од шампионатот, освои четири бода. И тоа на необичен начин. Киксираше дома против Башкими играјќи само 0:0, за да потоа освои три големи бодови во Струга против Трим Лум.
Тренерот Александар Васоски смета дека ова е добар развој на настаните, и дека Силекс е на потребната траса. Сега во Кратово Силекс го пречекува актуелниот бранител на титулата, Шкендија.
„По првото коло кога направивме кикс против Башкими, не планирано мора да кажам. Секогаш велам дека првите мечеви по паузата секогаш се тешки за играње. Победивме во Струга, каде што мислам дека одигравме многу добар натпревар. Особено во второто полувреме, кога бевме посконцентрирани, покажавме квалитет. Иако по половина час теренот веќе беше тежок за играње. И повторно што се вели сме на тој наш курс, на тој наш зацртан план од претходно“ – вели Васоски за Спортспорт, па додава.
„Од друга страна сега ни доаѓа Шкендија во Кратово. Одсекогаш сум велел дека доколку сакаш да направиш нешто во шампионатот дека мора да бидеш на најдобро можно ниво против најдобрите екипи. Ете против Струга ТЛ покажавме дека можеме, и се надевам дека и против Шкендија ќе бидеме онакви какви што треба да бидеме и бодовите ќе останат во Кратово“ – истакнува тренерот на Силекс.















