Вардар 1961 го продолжува маршот во Европската лига, има сигурен пласман во осминафиналето, но може да стигне и до директно место во четвртфинале, ако оствари победа на гостувањето кај Мелсунген.
После убедливата победа над Бенфика, тренерот Иван Чупиќ испрати пофални зборови до своите момци и до публиката.
“Откако сум јас тренер ова беше првпат да одиграме еден екстра класа натпревар во одбрана. Сакам да им се заблагодарам на моите играчи и на навивачите кои постигнаа една синергија која што не водеше до победа на овој меч. Можеби не одигравме убав меч за око, но во одбраната бевме феноменални. Оставивме, нозе, раце и срце на терен.
Првата цел беше да ја минеме главната фаза, а тоа го исполнивме сега. Не сакам математики, иако на Балканот се калкулира константно. Ќе повторам, мора да го презентираме Вардар на секои два-три дена во вистинско светло. За викенд играме во Купот, а потоа одиме кај Мелсунген кој е фаворит. Нема да биде лесно, меѓутоа ќе го подготвиме натпреварот максимално и сакаме таму да се покажеме добро. Ако одиграме добро и Бог ни помогне, можеби ќе победиме“, изјави Чупиќ.










