Екипата на Работнички дојде до многу важна победа во битката за опстанок откако славеше во дуелот со Феникс 2010. А хрватскиот интернационалец покажа дека е особено важен дел од тимот од „Градски парк“. Одигра скоро без грешка во фазата на нападот, даде свој посебен придонес во фазата на одбрана…

РОБЕРТ РИКИЌ (РАБОТНИЧКИ)
Нов дабл-дабл ефект имаше центарот на Работнички, сега и на средбата која беше од исклучителна важност за екипата од „Градски парк“.
Во победата над екипата на Феникс 2010, хрватскиот интернационалец реализираше 22.поени (8/9/ во обидите за два поени и максимални 6/6 од линијата за слободни фрлања), дополнети со 17.скока (три во фазата на нападот), четири асистенции, исто толку блокади, а за 39:37 минути во игра, додаде и една освоена односно три загубени топки.
Доволно за 43. индексни поени во крајниот индивидуален биланс, најмногу на почетокот на втората фаза од „МТЕЛ“ Супер лигата.
УРОШ ЛУКОВИЌ (МКК КУМАНОВО)
Високот центар на МКК Куманово им се врати на „старите навики“, да биде двоцифрен во двете главни категории, поените и скоковите.
На средбата со Гостивар, реализираше двоен ефект, изразен со 27.поени (10/13 во обидите за два поени и 7/9 во оние за еден поен).
Освен тоа имаше и 14.скока (половина од нив во нападот), но и три блокади за 29:41 минута во игра, и краен ефект од 39 индексни поени.
БРАЈАН БОУВЕН (КОЖУВ)
Продолжи со добрите игри и на гостувањето во Аеродром, но овојпат неговиот индивидуален ефект не беше доволен за конечен успех на тимот од Гевгелија.
За 35:47 минути на теренот, дојде до дабл-дабл ефект. Односно, имаше 24.поени (1/2 за три, 7/9 за два поени и 7/10 од линијата за слободнни фрлања). Но имаше и одлични 15.скока (два напаѓачки), три блокади, две асистенции, и по една освоена, односно загубена топка кои му донесоа индекс 38.
ДАМЈАН СТОЈАНОВСКИ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)
Капитенот на МЗТ Скопје Аеродром одигра во тој стил на средбата со Кожув. Остана доста долг временски период на теренот, 34:35 минути, и притоа дојде до двоен број на поени – 21 (3/5 за три поени, 2/6 за два и 8/8 за еден поен), но и скокови – 10.
Освен тоа имаше и две блокади, две асистенции и една освоена топка -за индекс 30.
БРАНДЕН ЏЕНКИНС (ПЕЛИСТЕР)
Го одигра најефикасниот натпревар во овој дел од сезоната. Против екипата на Маџари дојде до 30.поени, со сосема добра реализација за три поени (4/10), одлична за два поени (8/10) и стонастотна од линијата за слободни фрлања (2/2).
Додаде и четири скока, две асистенции, како и по една блокада односно освоена топка, сето тоа за период од 30:51 минути. Дојде до 29 индексни поени, со што се заокружува првата петорка, во првиот круг од втората фаза на првенството.
ПРВА ПЕТОРКА
Роберт Рикиќ (Работнички)
Урош Луковиќ (МКК Куманово)
Брајан Боувен (Кожув)
Дамјан Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)
Бранден Џенкинс (Пелистер)
ВТОРА ПЕТОРКА
Фатон Реџа (Чаир 2030)
Виктор Ефремовски (Работнички)
Мухамед Тачи (Чаир 2030)
Душан Танасковиќ (МЗТ Скопје Аеродром)
Луал Рахама (Феникс 2010)
*петорките се формирани според бројот на реализирани индексни поени










