Жозе Мурињо, се смета за сериозен кандидат да го преземе кормилото на Њукасл Јунајтед доколку раководството на клубот одлучи да го отпушти сегашниот менаџер Еди Хау. Хау е под зголемен притисок поради лошите резултати и позицијата во средината на табелата, што не е во согласност со амбициите на клубот, пишува talkSPORT.
Мурињо е „вистински и веродостоен кандидат“ да го наследи Еди Хау. Мурињо е без работа откако беше отпуштен од Рома во јануари и наводно е заинтересиран да се врати во Премиер лигата.
Њукасл моментално е на десеттото место на табелата, а сезоната е обележана со лоша форма и бројни повреди на клучните играчи. Сопствениците на клубот, Саудискиот јавен инвестициски фонд (PIF), имаат големи амбиции, а неуспехот да се обезбеди пласман во европските натпреварувања би можел да ја загрози позицијата на Хау.
Мурињо во минатото ги водеше Челзи, Манчестер Јунајтед и Тотенхем во Премиер лигата и е познат по своето восхитување кон покојниот Сер Боби Робсон, легендата на Њукасл со кого соработуваше на почетокот на својата кариера. Португалецот претходно зборуваше со почит за клубот и неговите навивачи.
„Уживам што сум тука. Ми се допаѓаат луѓето, стадионот и атмосферата. Публиката е одлична, полна со ентузијазам и ги сакам „Џордис““, рече Мурињо во 2022 година за време на посетата на „Сент Џејмс Парк“.










