Екипата на ТФТ се наоѓа на победа до нова историја. Денеска во салата „Лазар Лечиќ“ го пречекува составот на Сутјеска во вториот полуфинален натпревар за пласман во АБА2-лига. Македонскиот тим има предност од 1-0, откако на гостински терен дојде до голем триумф.
„Меч топка, на домашен терен. Моменталниот резултат не менува ништо, се уште играме против исклучително квалитетна и искусна екипа, играчи и тренер со голем број на вакви натпревари во своите кариери. На нас е да останеме присебни, да бидеме фокусирани на припремата и самиот натпревар. Правилен пристап и дисциплина во играта, сигурен сум дека ќе го дадеме својот максимум, но мораме да останеме со ладни глави и со концентрација на деталите. За крај веруваме во себе и во позитивен резултат во овој историски натпревар за нас и за Тафта“, изјави тренерот Боро Смилковски.
Македонскиот репрезентативец, Виктор Ташовски пак исто како својот тренер предупредува дека нема да биде лесно.
„Ја добивме првата средба на тешкото гостување, одигравме одличен меч и имаме предност од 1:0, но ништо не е завршено и свесни сме дека треба да одиграме уште подобро со многу концентрација и смиреност. Се надевам на полна сала и добра атмосфера и да избориме место во финалето“.
Победникот од оваа двојка ќе игра против Широки во финалето.










