И дефинитивно претстојниот Мундијал ќе донесе нешто ново кое на обичниот фудбалски фан нема да му се допадне. Американизацијата на фудбалот за потребите на локалната публика продолжи со најавата на Џани Инфантино дека „за прв пат во историјата, финалето на Светското првенство во фудбал ќе има концерт на полувреме“.
Следејќи го примерот на Супербоул, кој традиционално организира музички спектакл на полувремето, продолжувајќи ја паузата на повеќе од половина час, оваа холивудска верзија на Светското првенство во 2026 година во САД, Канада и Мексико ќе има и свое шоу за фудбалските фанови.
„За прв пат во историјата, ќе имаме шоу на полувремето на финалето на Светското првенство на 19 јули во Њу Џерси“, откри Инфантино додека зборуваше на Самитот за светска економија Семафор во Вашингтон.
Финалето ќе се игра на стадионот „МетЛајф“ во Ист Радерфорд, дом на Њујорк Џајантс и Њујорк Џетс. Првиот човек на ФИФА, кој неодамна ја измисли наградата за мир и му ја додели на американскиот претседател Доналд Трамп непосредно пред САД да го нападнат Иран, откри дека британскиот бенд „Колдплеј“ и нивниот фронтмен Крис Мартин работат на организирање на настап.
„Не можам да откријам кој ќе настапува засега, но ќе има повеќе изведувачи. Тоа ќе биде најголемото шоу во светот. Фантастично“, рече првиот човек на ФИФА.










