Полни со самодоверба и со желба за реванш, кошаркарите на Пелистер го очекуваат денешниот дуел од второто коло во плејофот во кое во Гевгелија ќе му гостуваат на тимот на Кожув (17 часот).
Без оглед на двата порази сезонава од денешниот противник, „пелистерци“ се свесни дека квалитетот е на нивна страна, но и дека тоа мора да биде потврдено на терен, единственото мерило да се покаже кој е кој и да се зацврсти на третото место на табелата.
Триумфот над Маџари го врати Пелистер во посакуваниот ритам, а со победа во Гевгелија само уште повеќе ќе се зголеми самодовербата пред клучните битки и разигрувањето за титулата што ќе следи следниот месец.
„Зелено-белите“ знаат како се победува во Гевгелија, имаа пет победи во низа во градот од југот до последните два порази, во февруари 2025 и во април 2026 година.
Токму затоа, денешниот меч е идеален за враќање на тие победнички патеки. Пелистер знае и може да влезе во триумфален ритам, токму во најважниот дел од сезоната.
„Пред нас е тежок натпревар, против ривал со кој се сретнавме неодамна. Се надевам дека ќе одиграме како во првите три четвртини од тој дуел, тоа е рецептот за победа, како во нападот, така и во одбраната. Секако, мораме во тој стил да ги одиграме сите 40 минути бидејќи видовме дека три четвртини не се доволни за да се стигне до триумф. Сакаме да му се реваншираме на Кожув, математички да осигураме полуфинале. Дуелот ќе биде тежок и исцрпувачки, но се надевам дека на крајот ние ќе бидеме тимот што ќе се радува на победата“, порачува Никола Малешевиќ.
Покрај оваа средба денеска од 13 часот е закажан мечот помеѓу ТФТ и МЗТ Скопје, додека во 18 часот силите ќе ги одмерат Тиквеш и Маџари.










