Денеска во салата „Парк“ во Струмица се игра завршницата во Купот на Македонија во машка и женска конкуренција.
Во центарот на вниманието е пресметката помеѓу ГРК Охрид и Вардар 1961 која стартува во 20 часот. Охриѓани веќе испишаа историја со самиот пласман во финалето, посакуваат овој викенд да остане запишен со златни букви, да го подигнат пехарот во Купот на Македонија, кој ќе биде прв.
На другата страна Вардар оди по 18 пехар, втор по ред. „Црвено-црните“ се „благ“ фаворит, но тоа пак за вакви мечеви нема големо значење. Тренерот Иван Чупиќ изрази голема почит кон ГРК Охрид, кој во полуфиналето го победи Пелистер во одлична игра.
Билетите за овој меч веќе се пуштени во продажба по цена од 400 денари.
Првото финале е закажано со почеток во 17 часот, а силите ќе ги одмерат бранителот, Ѓорче Петров и Спартак. „Лавиците“ се борат за 19. пехар во ова натпреварување, додека ракометарките на Спартак за првиот во своја историја.










