Башкими и Струга Трим Лум ќе ги одмерат силите во Куманово, во натпревар каде двата тима влегуваат без психолошки притисок. Со оглед на тоа што двете екипи се во „комфорната зона“, тие се подготвени да го дадат својот максимум за вистински фудбалски спектакл.
Дефанзивецот на кумановскиот тим, Хасан Сумер, верува дека Башкими е подготвен да ја забележи првата победа против Струга ТЛ оваа сезона.
„Башкими и Струга ТЛ се екипи кои играат без притисок, бидејќи навреме ги исполнија своите цели. Натпреварот се игра во недела, кога очекуваме преполн стадион и фудбалски празник. Сметам дека е дојдено време за првата победа против гостинската екипа, а нема подобар начин тоа да се случи отколку во Куманово, пред нашите навивачи,“ изјави меѓу другото Сумер.
Иако оптимизмот во Куманово е на високо ниво, статистиката е во корист на гостите. Досегашните меѓусебни дуели сезонава завршуваа со победи на тимот од Струга, додека Башкими на двата досегашни натпревари не успеа да постигне ниту еден гол.
Натпреварот Башкими – Струга Трим Лум се игра во недела, во 15:00 часот, на Градскиот стадион во Куманово.















