Скопје од вечерва е во светскиот центар на младинскиот спорт, пријателството и фер-плејот.
На „Плоштадот Македонија“ се одржа свеченото отворање на Светското училишно првенство во ракомет, настан кој обединува 20 држави од целиот свет, и е во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија.
Од срцето на Скопје беше испратена силна порака до целиот свет – дека спортот обединува, дека младите се иднината, а дека Македонија е подготвена да биде домаќин на еден ваков голем настан, кој е историски за нашата држава. Ова првенство не е само натпреварување, туку и средба на различни култури, нови пријателства и заеднички соништа.
Свечената церемонија започна со дефилето на учесниците, кои пристигнуваа преку Камениот мост – симбол на поврзување, пријателство и единство, носејќи ја енергијата на младоста и духот на фер-плејот.
Овој настан е резултат на визија, посветеност и силна верба во младите. Лице кое стои зад таа визија е претседателката на Федерацијата на училишен спорт, Елена Мицковска.
„Дозволете ми, во име на Федерација на училишен спорт, да ви посакам топло добредојде на свеченото отворање на Светското првенство во ракомет за ученици.
Вечерва, Скопје и Македонија не се само домаќини на еден спортски настан – туку домаќини на младоста, енергијата и иднината на светот. На едно место се собрани млади спортисти од 20 држави, со различни јазици, култури и традиции, но со една заедничка вредност – љубовта кон спортот.
Училишниот спорт има посебна тежина. Тој не е само натпреварување. Тој е училиште за живот. Тука се учи дисциплина, почит, тимска работа, фер-плеј и истрајност. Тука се создаваат не само шампиони, туку и луѓе со вредности. Ракометот, како спорт со длабока традиција во нашата земја, има посебно место во срцата на нашите граѓани. Горди сме што токму преку овој спорт денес ја испраќаме пораката дека младите се нашата најголема инвестиција.
Организацијата на ваков настан е резултат на заедничка посветеност, визија и соработка. Сакам да изразам искрена благодарност до сите институции, партнери, спонзори, волонтери и сите оние кои со својот труд и енергија придонесоа ова првенство да стане реалност.
Посебна благодарност упатувам до државните институции за поддршката, затоа што ваквите настани не се само спортски – тие се национална гордост и можност да ја покажеме нашата организациска, културна и човечка вредност пред светот. Исто така, сакам да се заблагодарам и на Светстаката федерација на училишен спорт и претстедателот Жељко Танасковиќ, за довербата која ни ја дадоа за организација на оваа манифестација.
Драги спортисти, пред вас се денови на натпревари, предизвици и можности. Но најважно од сè – ова е можност да создадете пријателства кои ќе траат цел живот. Победата е важна, но уште поважно е како ќе играте, како ќе се однесувате и што ќе понесете од ова искуство.
Нека ова првенство биде симбол на заедништво, почит и фер игра. Нека биде доказ дека спортот има моќ да обединува, да инспирира и да гради подобар свет.
Ви посакувам успешни натпревари, силни емоции и незаборавни моменти. Добредојдовте во Македонија – земја на спортот, традицијата и големото срце“, беше пораката на Елена Мицковска, претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија.
Претседателот на ИСФ господин Жељко Танасковиќ ги поздрави сите присутни и изрази голема задоволство што токму Скопје е домаќин на овогодинешниот календер.
„Драги спортисти и пријатели од училишниот спорт, ми претставува големо задоволство да ве поздравам во прекрасниот град Скопје на Светското училишно првенство во ракомет – првиот настан од овогодишниот календар на ISF. Оваа прилика е навистина посебна, бидејќи го одбележува првиот пат овој настан да се одржува во Македонија – земја со горда традиција во ракометот и спортот. Искрено се надеваме дека ова ќе биде почеток на уште многу меѓународни настани што ќе се организираат тука.
Би сакал да изразам искрена благодарност до националната влада, Федерацијата за училишен спорт на Македонија, Ракометната федерација и сите кои придонесоа во организацијата на ова првенство. Благодарение на вашите напори, имаме чест да угостиме повеќе од 600 учесници од целиот свет.
Денес, официјално го отвораме овој настан. Спортот има единствена моќ да нè обедини како едно глобално семејство. Тој нè учи да се натпреваруваме со фер-плеј, почит и вистински спортски дух – и на теренот и надвор од него.Ова се вредности што спортот ни ги всадува секој ден.
Драги спортисти. Ви посакувам сè најдобро на ова натпреварување. Уживајте во секој момент и понесете прекрасни спомени од Македонија, без разлика на конечните резултати“, истакна Танасковиќ.
На свеченото отворање беше присутна и претседателката на Македонија Проф. Др. Гордана Сиљановска Давкова која и официјално го прогласи Светското училишно првенство во ракомет за отворено. Претседателката им посака добредојде на сите учесници ја поздрави претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска.
Сиљановска ги издови радосните моменти кои ги носи ракометот во Македонија. Потсети на 2012 година кога токму на „Плоштад Македонија“ се славеше историското петто место на македонската ракометна репрезентација на Европското првенство, успехот на Вардар во Лигата на шампиони и на 1997 година кога женската ракометна репрезентација приреди сензација на Светското првенство. Не ги заборави двете ракометни икони Кирил Лазаров и Индира Кастратовиќ.
На сите земји ученички добредојде им посака и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој вети дека градот и натаму ќе вложува во спортот.
На сцената настапи „Танец“ кој е симбол на македонската култура и уметност, и претставува најважниот презентер на македонското фолклорно творештво. За најмладите следеше изненадување – популарниот „Пајак“.
Натпреварите на Светското училишно првенство во ракомет и официјално стартуваат утре.










