Ослабените Лос Анџелес Лејкерс ги победија Хјустон Рокетс со 101-94 и поведоа изненадувачки со 2-0 во серијата од првото коло од плејофот. Тимот од Лос Анџелес повторно беше предводен од 41-годишниот Леброн Џејмс со 28 поени, осум скока и седум асистенции.
Лејкерси, играјќи без повредените Лука Дончиќ и Остин Ривс, повторно покажаа тимски дух. Маркус Смарт постигна 25 поени и седум асистенции. Третиот натпревар се игра во петок во Хјустон.
За Рокетс, кои го имаат Кевин Дурант назад во поставата, Алперен Шенгун го предводеше натпреварот со 20 поени и 11 скока. Дурант постигна 23 поени во своето деби во плејофот за Хјустон, но само три во второто полувреме и имаше девет изгубени топки.
Филаделфија 76ерс ги победи Селтикси со 111-97 во Бостон, израмнувајќи го резултатот во плејоф серијата на 1-1. Херој на вечерта беше почетникот В. Џ. Еџкомб, кој и покрај болката по падот на грб, забележа 30 поени и 10 скока. Тој имаше одлична поддршка во Тајрис Макси, кој додаде 29 поени и девет асистенции.
Филаделфија на тој начин се опорави од тешкиот пораз во првиот натпревар, а Еџкомб стана првиот почетник со најмалку 30 поени и 10 скока во плејоф натпревар од Тим Данкан во 1998 година. Серијата сега се сели во Филаделфија, каде што третиот натпревар ќе се игра во петок.
За поразените Селтикси, Џејлен Браун беше најдобар со 36 поени, додека Џејсон Тејтум беше на работ на „трипл-дабл“ учинок со 19 поени, 14 скока и девет асистенции.










