Интервју со Катерина Попева: Идеалната жена не е дефинирана само преку изгледот, туку преку енергијата што ја носи!

72

Зоран Ѓоршоски

Денеска во рубриката “Женски спортски приказни“ ќе можете да го прочитате интервјуто со Катерина Попева. Таа е жена која ги урива стереотипите за и околу својот спорт, таа знае што сака, таа е светска, а наша. Катерина е светска првенка во бодибилдинг, спортистка на Македонија за 2025, врвен спортист, фитнес инструкор и притоа е моден дизајнер. Има и тоа како што да каже за нашите читатели, ова е интервју кое се чита во еден здив зошто е нешто посебно, како што Катерина е посебна во секој поглед.

Говори за своите почетоци во бодибилдингот, зошто токму овој спорт, говори исто за теми кои ја опкружуваат од женски аспект, а е горда на своите успеси, на самата себе си за тоа што постигнала до сега. Знае како правилно да го трасира својот пат, има повеќе пораки за сите, а посебно за дамите.

Едноставно Катерина Попева е личност која е модерна, инвентивна, секогаш има свој став, таа е дама и спортистка со која Македонија треба да се гордее.

Зошто бодибилдинг? Од кога почна да тренираш, од која возраст?Каква е твојата приказна за почетоците?

“Искрено, отсекогаш ме привлекувале работи што се надвор од просекот и визуелно и ментално. Сакам естетика, но не површна, туку онаа што бара дисциплина, контрола и посветеност. Адреналинот за мене не е само возбуда, туку чувство на фокус и присутност. Токму затоа бодибилдингот ми беше природен избор. Уште од мала ги следев легендите како Arnold Schwarzenegger и Ronnie Coleman не само поради нивниот изглед, туку поради менталната сила и начинот на живот што го претставуваат. Почнав да тренирам на 14 години и од тогаш тоа е дел од мојот идентитет. Низ годините сум се пробала и во други спортови, но бодибилдингот остана нешто што најмногу ме дефинира затоа што таму границите постојано се поместуваат, и физички и психички. За мене, ова не е само спорт туку начин на живот и постојан процес на надминување на себеси“.

НАЈДОБРА ВО СВЕТОТ, СПОРТИСТКА НА МАКЕДОНИЈА ЗА 2025

Светска првенка на СП во Шпанија и спортистка на Македонија 2025?Веројатно си многу горда на овие твои успеси? Како е чувството да си најдобра во светот?

„Секако дека сум горда — тоа се моменти што не се опишуваат лесно, затоа што зад нив стои огромна жртва, дисциплина и години работа. Титулата светска првенка на World Championship Spain bodybuilding fitness и признанието спортистка на Македонија за 2025 за мене не се само резултат, туку потврда дека кога си конзистентен и веруваш во процесот, границите навистина се поместуваат. Но искрено, чувството да си “најдобар” не го доживувам како крајна точка. Повеќе го гледам како одговорност да продолжам да растам, да го задржам нивото и да поставувам нови стандарди, прво за себе, па и за другите. На крајот, најголемата победа не е титулата, туку личноста што стануваш додека стигнуваш до неа“.

Освен таа светска титула во Шпанија, кои се останатите успеси на Катерина?

“Имам многу регионални успеси, деветкратен шампион на Мкедонија, многу интернационални светски и европски купови каде сум била во топ 6 атлети, апсолутен победник и имам четири про-карти како и втора на Светски куп Шпанија поранешен Арнолд Класик, Арнолд Класик топ 4, Бронза и Злато на Светско првенство и двапати Балканска шампионка. Спортист на годината 2025, и најдобра натпреварувачка за 2025“.

Моден дизајнер и врвен спортист, фитнес инструктор, како постигнуваш да имаш успеси и во сите овие професии?

“Искрено, не ги гледам како одделни професии, туку како делови од иста приказна. Сè што работам е поврзано со естетика, дисциплина и изразување било преку телото, било преку дизајнот. Клучот е во организацијата и јасно поставените приоритети. Имам структура во денот и знам кога сум спортист, кога сум тренер, а кога креативец. Тоа ми овозможува да бидам целосно присутна во секоја улога. Како фитнес тренер работам со луѓе и им помагам да го извлечат најдоброто од себе. Како спортист, постојано ги поместувам сопствените граници. А како моден дизајнер, ја изразувам таа естетика и дисциплина на поинаков, креативен начин. На крајот, мислам дека не се работи за тоа колку работи правиш, туку колку си посветен на секоја од нив. Кога имаш јасна визија и конзистентност, успехот во повеќе области станува природен процес“.

КАКО ИЗГЛЕДА ЕДЕН РАБОТЕН ДЕН НА КАТЕРИНА, НЕШТО И ЗА ИСХРАНАТА

Опиши еден твој обичен работен ден? Работа, тренинзи…? Како се релаксираш?

“Мојот ден секогаш почнува рано и со јасна структура. Најчесто го започнувам со појадок и кратка подготовка за денот, а потоа следуваат обврските околу клиенти, тренинзи, консултации и планирање. Во текот на денот секогаш наоѓам време и за мојот личен тренинг. Тоа е дел што не го прескокнувам, без разлика на обврските. Тренингот за мене не е само физичка активност, туку и ментален reset и фокус. Паралелно работам и на дизајн кога имам инспирација или конкретен проект, се посветувам целосно на тој креативен процес. Денот ми е динамичен, но токму тоа ми одговара сакам да сум во движење и продуктивна. Што се однесува до релаксација, искрено, најмногу се релаксирам преку самите тренинзи. Освен тоа, сакам мирни моменти, добра музика, журки, читање книги, кафе или време сама со себе да се “ресетирам” и да ја вратам енергијата“.

Во врска со исхраната, што одбегнуваш да јадеш, а што никако не помислуваш да пробаш? Алкохол се разбира никако?

“Кога станува збор за исхраната, најмногу внимавам на квалитетот и балансот. Избегнувам преработена храна, шеќери и работи што немаат вистинска нутритивна вредност затоа што директно влијаат и на формата и на енергијата. Не сум тип што експериментира со екстремно нездрава храна, така што има работи што едноставно не ме привлекуваат ни да ги пробам не затоа што “не смеам”, туку затоа што не се вклопуваат во мојот начин на живот. Што се однесува до алкохол, ретко, сепак сум човек и понекогаш сакам да уживам. Не е нешто што ми недостасува, затоа што приоритет ми се перформансите, формата и како се чувствувам во сопственото тело. На крајот, не гледам на исхраната како на рестрикција, туку како на алатка што ми помага да бидам на највисоко ниво и физички и ментално“.

ЗОШТО Е ДОБРО ДА СЕ ЗАНИМАВАШ СО И ФИТНЕС, ПА МАКАР И АМАТЕРСКИ

Што можеш да им препорачаш на луѓето, зошто е добро да тренираш и практикуваш фитнес, па макар и аматерски? За кој временски период би се гледале првите резултати на сопственото тело?

“Би им препорачала на сите да почнат да тренираат, без разлика дали е професионално или аматерски, затоа што фитнесот не е само за изглед туку за целокупно здравје, енергија и самодоверба. Тренингот ти дава структура, дисциплина и чувство дека правиш нешто добро за себе. Многу луѓе почнуваат поради физичкиот изглед, но остануваат поради тоа како се чувствуваат посилни, пофокусирани и постабилни психички. Не мора да биде ништо екстремно. Доволно е да бидеш конзистентен и да си дадеш време. Што се однесува до резултатите, првите промени најчесто се чувствуваат многу брзо веќе по 2–3 недели имаш повеќе енергија и подобро расположение. Визуелни промени на телото обично почнуваат да се забележуваат по 4–6 недели, а посериозни трансформации по неколку месеци, секако зависно од исхраната, тренингот и дисциплината. Најважно е да не се откажеш прерано затоа што најдобрите резултати доаѓаат кај тие што се конзистентни, не кај тие што се совршени. И дефинитивно тежинскиот тренинг е број 1“.

Нешто и за твојата друга професија – модна дизајнерка?

“Со модниот дизајн имам некои интересни планови и проекти кои сега нема да ги откријам. Само може дека е и интересна комбинација од двете професии:)“.

КАТЕРИНА ИМА ПОСЕБНА ПОРАКА ЗА ДАМИТЕ

Каков профил на една жена, дама, е идеална во очите на Катерина?

“За мене, идеалната жена не е дефинирана само преку изгледот, туку преку енергијата што ја носи. Тоа е жена што има самодоверба, но не чувствува потреба постојано да ја докажува. Знае која е, што сака и има јасни граници. Истовремено е нежна, но и силна кога треба, таа комбинација е она што ја прави вистински впечатлива. Сака да се грижи за себе и физички и ментално. Не затоа што мора, туку затоа што се почитува. Има стил, но уште поважно има став. За мене, идеалната дама е жена што не се натпреварува со другите, туку со самата себе. Жена што гради, а не руши. И жена што остава впечаток без да мора да биде најгласна во просторијата“.

Како се бори Катерина со предрасудите во Македонија, дека бодибилдингот е машки спорт?

“Мислам дека најдобриот начин да се бориш со предрасуди е преку резултати, не преку убедување. Во Македонија сè уште постои тој стереотип дека бодибилдингот е “машки спорт”, но реалноста веќе одамна се менува. Сè повеќе жени покажуваат дека силата и естетиката не се поврзани со пол, туку со дисциплина и посветеност. Јас лично не се обидувам да ги убедувам луѓето со зборови туку со тоа што го работам секој ден. Кога некој ќе види резултат, посветеност и баланс, перцепцијата сама се менува. За мене, женственоста и силата не се спротивности. Напротив кога се во баланс, тогаш доаѓа вистинската моќ. И мислам дека токму тоа е пораката што треба да се пренесе дека секоја жена има право да избере како ќе изгледа, како ќе се гради и што ќе ја прави силна“.

ЧУВСТВОТО НА ИНФЕРИОРНОСТ КАЈ ПРИПАДНИЦИТЕ НА МАШКИОТ ПОЛ

Дали си почуствувала некогаш дека некои машки во твојата близина не ја кријат својата инфериорност?

“Тоа не е прашање на пол, туку на лична сигурност. Секој што е стабилен и сигурен во себе нема потреба да се споредува или да се чувствува загрозено од туѓ успех без разлика дали станува збор за жена или маж. Сум имала ситуации каде што се чувствува таа енергија, но не ја сфаќам лично. Повеќе ја гледам како одраз на нивната внатрешна состојба, не на мојата вредност. Јас сум фокусирана на својот пат, и верувам дека вистинските луѓе било пријатели, партнери или колеги ќе ја почитуваат и поддржуваат таа амбиција, наместо да се чувствуваат загрозено од неа. На крајот на денот ако некој се чувствува инфериорно и загрозено во однос на мојата  појава треба прво да си поработи на себе.“

Каде Катерина се гледа за 5-10 години, во сите свои професии? Која е твојата амбиција која те турка напред? Што треба да се оствари за да биде Катерина задоволна и рече – е ова е врвот?

“За 5 до 10 години се гледам како уште поизградена верзија од себе и како спортист, и како тренер, и како дизајнер. Сакам да оставам трага во секоја област во која работам, не само преку резултати, туку и преку влијание врз луѓето. Во спортот, целта ми е да го задржам и надградам нивото, да освојувам уште титули и да ја претставувам Македонија на највисоко можно ниво. Како тренер, сакам да изградам систем и бренд што ќе им помага на луѓето да постигнат реални, одржливи резултати. А во креативниот дел да создадам препознатлив стил што ќе ја носи мојата естетика и приказна. Она што ме турка напред не е само резултатот, туку процесот и чувството дека секој ден станувам подобра од вчера. И искрено, не мислам дека постои една точка каде што ќе кажам “ова е врвот”. Затоа што секој врв отвора нов. Но, би била навистина задоволна кога ќе знам дека сум го искористила својот целосен потенцијал и дека сум оставила нешто вредно позади себе и како спортист, и како личност“.

ВЕРУВА ДЕКА СЕКОЈ МОЖЕ ДА ГО МЕНУВА СВОЈОТ МИКРОКОСМОС

Има ли Катерина порака до жените, дамите? Сака ли Катерина да гоменува светот или барем својот микрокосмос?

“Мојата порака до жените е да не се ограничуваат себеси според туѓи стандарди. Секоја жена има право сама да одлучи каква ќе биде, дали ќе биде нежна, силна, амбициозна или сè заедно. Не мора да се вклопуваме во туѓи рамки за да бидеме прифатени.

 Би сакала да влијаам, но не со големи зборови, туку со пример. Ако успеам да мотивирам барем една жена да верува повеќе во себе, да се грижи за себе и да си ги помести сопствените граници, тоа веќе има вредност. Не се обидувам да го сменам целиот свет. Но верувам дека секој од нас може да го смени својот микрокосмос. А кога доволно луѓе ќе го направат тоа тогаш се менува и светот“.

Твој коментар за нашата рубрика „Женски спортски приказни“, која ги инспирира, охрабрува и мотивира жените во спортот?

“Мислам дека ваквите рубрики се исклучително важни, затоа што даваат простор да се слушнат вистинските приказни зад успехот — не само резултатите, туку и трудот, падовите и посветеноста. „Женски спортски приказни“ има моќ да инспирира, но и да охрабри многу жени да направат прв чекор, без разлика дали станува збор за професионален спорт или само грижа за себе. Колку повеќе се зборува за жените во спортот, толку повеќе се рушат стереотипите и се создава нова, посилна слика за тоа што значи да се биде жена денес. Сметам дека ова е повеќе од сао рубрика, платформа што носи вистинска вредност и влијание“.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на МакедонијаРакометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУНГранд Ауто  и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноТри од три: Кадетите ја победија и Р. Српска
СледноПромотивна понуда за возила на лагер – Ford Kuga Hybrid по цена од 34.900€